Градежната компанија АД „Илинден“ од Струга ќе биде приватниот партнер на општината, кој ќе го гради затворениот зелен пазар во Охрид. Оваа одлука беше усвоена денеска во рамки на советот на општина Охрид, по долга и бурна расправа. Поради процедурални отстапувања, опозицијата на кратко ја напушти седницата.

Од охридската локална самоуправа велат дека конечно се реализира идејата за изградба на модерен пазар која до сега никој не успеал да ја реализира.

-Најважно од се е што Охрид добива еден убав и модерен објект којшто ќе биде белег на градот. Објектот ќе биде на четири нивоа. На приземјето е биде сместен затворениот зелен пазар, квадартурата на приземјето е 1.913 метри кавадрартни, од кои 1.230 метри ќе припаднат на јавното препријатие „Градски Пазар“. На првиот кат ќе се изградат 2.433 метри квадратини и таа површина ќе припадне на приватниот парнер, а општина Охрид ќе добие деловен простор со површина од 200 метри квадратни на вториот кат, вели Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.

Тој објасни дека освен изградбата на пазарот, приватниот партнер се обврзува да ја направи и фасадата на веќе постоечката управна зграда на ЈП „Градски Пазар“.

-Ќе биде реконструиран целосно покривот од кој сега протекува вода и претставува проблем за службите кои работат во оваа зграда. Приватниот партнер исто така ќе изведе етажна плоча на просторот каде што во моментов се продава текстил што значи дека ЈП „Градски Пазар“ ќе добие простор на две нивоа, појасни Спасески.

Обраќањето на секретарот Спасески не го слушаа советниците опозицијата, незадоволни од како што истакнаа, прекршувањето на деловникот за работа од страна на претседавачот, кој според нив, требало најпрвин да дозволи овластениот претставник на локалната самоуправа Тони Иваноски да одговори на поставените прашања поврзани со техничката документација за изградба на зелениот пазар.

-Во материјалите коишто ги добивме во однос на оваа точка беше наведено дека претставник на општината за оваа точка е Тони Иваноски. И претседателката на Советот призна дека е направена грешка, но сепак зборот не му беше одземен на Спасески и тој и понатаму зборуваше. Затоа ја напуштивме седницата, рече Јован Стојаноски, координатор на Советничката група на СДСМ.

Тој објасни дека опозицијата е против одлуката за приватно партнерство со образложение дека условите на договорот не се во корист за општината.

–Ние никогаш не сме биле против развојот на Охрид, па дури и сметаме дека изградба на еден затворен зелен пазар е добра придобивка која би значела подобар живот и економија во Охрид. Ние бевме против начинот на кој е донесена оваа одлука. Против сме, општината да учествува со капитал од 50 проценти исто како и приватниот партнер, а на крај да биде распределен имотот во сооднос 20 спрема 80 за приватниот партнер, појасни Стојаноски.

И советникот на ВМРО Народна Партија Јоне Станкоски смета дека условите во договорот со приватниот партнер не се во полза на општината.

–ВМРО-ДПМНЕ како и многу пати досега ја манипулира јавноста. Во предизборната кампања и во изборната програма имаше ставено дека сите објекти кои се од јавен интерес во Охрид ќе ги гради со сопствени средства, но и со поддршка на Владата, рече Станкоски.

Во рамки на денешната седница беа прифатени и предложените одлуки за давање согласност на Одлуката за изменување и дополнување на Статутот на МЈП„Проаква“ Струга,  за давање согласност на Одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги вршат јавните препријатија, а беа усвоени и низа точки од урбанистичката сфера.

OhridNews