Во овој момент најважно е да обезбедиме ликвидност на буџетот, на министерството за здравство и финансиска ињекција за стопанството за да спасиме работни места. Подготвени сме за најлошото сценарио, а се надеваме на најдоброто, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска на прес конференција што се одржа денеска.

Таа најави дека поради кризата со коронавирусот државата одлучила да обезбеди веднаш финансиски средства со задолжување, преку заеем до еврообврзница во висина од 400 милиони евра со рок на доспевање од 12 месеци, имајќи предвид дека процесот на издавање на еврообврзница трае најмалку 2 месеци, што е предолг период во овој момент.

Овој заем до еврообврзница ќе биде отплатен целосно кога ќе се издаде еврообврзницата на крајот од оваа или на почетокот од следната година. Очекуваме поволна каматна стапка на овој инструмент. Планираме да се повлечат 87 милиони евра од ММФ, на што земјава има право, како и дополнителни 100 милиони евра од Светска банка, за што ќе бидат доставени барања. Предлогот е потпишан и од заменик министерката за финансии. – истакна Ангеловска. Таа најави дека наскоро ќе биде промовиран нов сет мерки за стопаснтвото за да се заштитат фирмите и работните места.

Ангеловска информираше дека е подготвен ефикасен законски механизам кој на банките ќе им овозможи да ги замрзнат времено обврските на клиентите без тие да мора да доаѓаат во банките, а дополнително тоа да не влијае на нивниот рејтинг, како и на нивната ликвидност во иднина.

Ангеловска: 600 милиони евра за ликвидност на буџетот и помош на стопанството

Г.М.