Со свеченост што се одржа синоќа во Дијамантската сала во х. „Горица“, Ротари клубот Охрид одбележа 10 години од постоењето. На свеченоста присуствуваа над 230 ротаријанци од Македонија, претставници на ротари клубови од регионот, како и гости.
Во изминатите десет години Ротари клубот Охрид има реализирано голем број општествено корисни проекти, а особено значајни се донациите кои овој клуб ги обезбеди преку меѓународни проекти за поддршка на здравството во Охрид.
Ротари клубот Охрид и збратимениот клуб од Пирдоп, Република Бугарија, заеднички го подигнаа скромното спомен обележје во центарот на градот посветено на жртвите од големата бродска трагедија, што се случи на 5 септември 2009 година во водите на Охридското Езеро, во која животот го загубија петнаесет бугарски туристи. И во оваа прилика делегации на овие ротари клубови и други гости положија свежо цвеќеа пред спомен обележјето.
Оваа година се навршуваат 110 години од постоењето на Ротари. Денес во светот постојат повеќе од 33.000 ротари клубови во над 200 земји и подрачја, со 1.2 милиони членови, волонтери кои го посветуваат своето време да и служат на заедницата и на Светот.
Еден од најпознатите проекти на Ротари клубовите во светски рамки е тој за искоренување на полиото-детската парализа. Rotary International во 1985 година го стартуваше проектот “ПолиоПлус”, првиот и најголем меѓународно координиран проект за поддршка на јавното здравство од страна на приватниот сектор. Првичната донација изнесувала 120 милиони американски долари. До денес, Ротари има донирано повеќе од 1.3 милјарди долари, а преку убедувањето на државите-донори за оваа цел обезбедени се дополнителни 10 милијарди американски долари.
OhridNews