Со пригодна свеченост, синоќа, беше означен почетокот на научно-наставната и културолошка дејност во рамки на комплексот Светиклиментов универзитет на Плаошник.

Обраќајќи се пред присутните, премиерот Никола Груевски истакна дека кога се зборува за Свети Климентовиот универзитет, тоа значи дека се зборува за најсветото нешто без кое нема напредок. – Тоа значи да се зборува за нашата духовна и световна историја од крајот на деветтиот и почетокот на десеттиот век, кога на овие простори функционирала просветна и културна институција која е позната како најстар универзитет во Европа и пошироко. Првиот словенски универзитет , предводен од Свети Климент Охридски, просветител- чии ученици низ сите словенски земји ја ширеле словенската писменост и наука, истакна Груевски. 



Одлуката на Владата на Република Македонија да го возобнови комплексот Светиклиментов универзитет, е поттикната од желбата да се оддаде должно признание на Свети Климент, како еден од најголемите словенски просветитиели и епископи, додаде премиерот.



Иницијативата значи заокружување на една монументална културно-просветителска и историска содржина и исклучителен културно-историски простор, кои заедно се од капитално значење за македонскиот народ. Овој потфат има специфична културно-историска мисија, да изведе хронолошки спој на светеклиментовиот дух и современото време, да го спои црковното со световното живеење и работење, токму овде на Плаошник во Охрид, во близина на светиклиментовата црква „Свети Пантелејмон“ и Самоиловата тврдина, рече премиерот Груевски.



За 20 дена на просторот кај Плаошник, ќе отпочне да се гради комплексот- Климентов универзитет, осмислен како мултимедијален, високообразовен наставно научен центар во кој ќе бидат сместени Св. Климентовата книжевна академија и македонскиот институт за хуманистички науки со мисија да обезбедува континуирано проучување на цивилизациите, културите и религиите кои постоеле на овие простори во минатото.

Ќе бидат изградени 14 објекти за конаци, Богословски факултет, Свети Климентова библиотека, галерија на икони, музеј на Плаошник, Св. Климентова конзерваторска школа, академија и 7 депанданси на светски универзитети. Ќе претставува центар на современ научно просветен процес кој ќе треба да ги задоволи потребите на македонскиот и регионалниот образовно научен живот.

Т. К.