Во тек е обнова и реконструкција на штетите кои ги имаше на Музејот на вода во Градиште, информира директорот на НУ Завод и музеј Охрид, Мишко Тутковски, додавајќи дека се работи и на локалитетот Плаошник каде активностите се во напредна фаза и се очекува да бидат завршени за месец дена, а сеуште е во тек се и активностите од проектот за подводни археолошки рекогносцирања.

Се работи на реконструкција на пристаништето, статичко зајакнување на пристапната патека кон наколната населба, се заменуваат сите стари дотрајани греди од самата платформа и се извршуваат други тековни активности во насока на одржување на овој локалитет. Чекавме да заврши сеозната за да почнеме со реализација, со цел следната година да имаме подобри услови за сите посетители и зголемена безбедност на локалитетот, вели Тутковски.

Во текот на летната сезона, одосно во месеците јуни, јули и август, најголем број на посетители е забележан токму во Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште со вкупно 31 197 посетители.

Во исто време се работи и на подводни археолошки рекогносцирања на брегот на Охридското езеро. Проект кој трае повеќе години со кој веќе следната година се надевам дека ќе го имаме заокружено целото езеро од македонската страна и ќе се знае на секоја педа каде под водите на Охридското езеро се кријат неистражени археолошки локалитети, додава Тутковски.

Проектот го води Бојан Танески, виш кустос, археолог од Завод и музеј Охрид.

Н.С.Ј.