Предмети и костуми кои ги користел актерот Силвестер Сталоне во својата 40 години долга кариера се продадени на аукција во Лос Анџелес за три милиони долари. Претседателот на аукциската куќа Херитиџ Грег Роан изјави дека за време на тридневната аукција најголема сума е понудена за црната кожна јакна на Сталоне од филмот „Роки“, и таа изнесувала 149 илјади долари. Исто така биле понудени и предмети од филмовите Рамбо, како и шорцевите и боксерските ракавици од филмот Роки.
Дел од приходите ќе биде издвоен за воени хуманитарни организации, со што Сталоне сака да покаже благодарност кон сите оние кои го инспирираа неговиот најпознат јунак. Актерот присуствуваше на првиот ден од аукцијата и шеташе меѓу обожавателите. Тој продажбата ја најави уште во јули, но рече дека тоа не значи дека се простува од карактерите кои го прославија. Неодамна ја повтори улогата на Роки во филмот “Creed”.