Модната индустрија е на удар на најновите директиви на Европската комисија – ЕК кои се носат поради неконтролираното производство на облека која предизвикува еколошко загадување од невидени размери. Купуваме премногу облека, а голем дел од неа не издржува ниту три перења. Затоа ЕК подготвува стратегија која нема да им се допадне на производителите, но би требало на потрошувачите, а најважно на планетата, пренесува хрватски „Дневник“.
Просечен европјанин годишно купува дури 26 килограми облека, од која истата година фрла 11 килограми. Според податоците на Европската агенција за животна средина нашето купување облека планетата ја чини повеќе од 650 килограми јаглерод диоксид по лице. Според научните истражувања модната индустрија е одговорна за 10 проценти од глобалната емисија на јаглерод. Тоа е повеќе од сите меѓународни летови и морски сообраќај заедно!
За изработка на една памучна маица потребни се 2700 литри вода, толку просечен човек пие во 2,5 години. Затоа ЕК сака до 2030 година нови еколошки правила за брзата, уличната, но и за високата мода.
Дел од проблемот е што луксузната облека се гори ако не се продаде за да се задржат високите цени. Според предлогот на ЕК палењето облека се забранува.
Целта е да се премине на еколошко производство на облека со поголем квалитет и трајност, подолга употреба и со можност за поправка. „Во секој случај брзата мода веќе нема да биде во мода“ – посочуваат експертите.
OhridNews