Ријана и Тејлор Свифт се нашле на чело на листата номинирани за овогодинешните европски MTV музички награди. Поп дивата Ријана важи за главен фаворит, со шест номинации, меѓу кои за видео спот на годината и за песма на годината со хитот “We Found Love”. Младата пејачка Тејлор Свифт, која досега не успевала да направи голем успех надвор од својата земја, има пет номинации, благодарение на песната “We Are Never Ever Getting Back Together” која постигнала голем успех во Европа.
Веднаш зад нив следуваат Кети Пери и Џастин Бибер кои имаат по четири номинации, додека Лејди Гага, Ники Минаж, Лана Дел Реј, Карли Ре Џепсен и групата „Фан“ ќе се натпреваруваат во три категории. Основана 1994 година, церемонијата на доделување на европските MTV награди се организира секоја година во друг град. Оваа година ќе биде одржана на 11 ноември во салата Фестхале во Франкфурт.