„Записки“ е насловот на збирката поезија од поетот Милчо Мисоски, која деновиве излезе во издание на „Ирис“ од Струга, јавува „Нова Македонија“.

Во рецензијата на збирката се вели дека Мисоски пронаоѓа изненадувачки одговори во кои се присутни поимите со сродно или приближно еднакво значење, а некои од нив се живот, доблест и љубов.

„Дека поезијата на Мисоски навистина живее со книжевноста може да се согледа од неговиот тематски, но уште повеќе од стилскиот пристап кон двете доминантни средишта, моќта на зборот и нијансите на љубовта. Оваа поезија има моќ да оди по заборавени или нови патеки, но не и по баналните, таа дозволува да се соочи со читателот, но не и да биде лита и неизворна.“ – вели рецензентот Тоде Илиевски.

Мисоски е доктор по професија. Првата збирка поезија, со наслов „Чекајќи го ангелот“, ја објавува во 1991 година. Неговата поезија е застапена и во антологијата „Поетите од Струга“ на приредувачот Разме Кумбароски и во други поетски зборници.

OhridNews

извор: „Нова Македонија“