Во рамки на заедничките активности за управување со Дримскиот Басен со вклученост на НВО секторот објавена е публикацијата „ Природното богатство и вредности на Дрим“. Како што се наведува во публикацијата, суштинската вредност на сливот на реката Дрим е бесценета и е еден од најважните слатководни “жаришта” на биолошката разновидност во Европа.
– Без разлика дали сфаќаме или не, но слатководните екосисистеми заедно со биодиверзитетот и екосистемските услуги што ги обезбедуваат, го одредуваат квалитетот на животот и добросостојбата на луѓето. Ние, како индивидуи можеме да направиме разлика едноставно преку почитување на правото дека сите суштества можат да ги користат придобивките од оваа планета и преку преземање на индивидуални или колективни чекори кон заштита на биодиверзитетот на сливот на реката Дрим, стои во публикацијата.
Во брошурата посебен дел зазема и Охридското Езеро како едно од трите езера во Дримскиот Басен.
– Охридско Езеро – едно од неколкуте најстари езера во светот е едно од најдлабоките (максимум 280 метри) и најстарите езера во Европа со старост помеѓу 2 и 10 милиони години. Езерото најмногу се полни од подземни води (50%) од неколку карстни извори (75% од изворите кај „Свети Наум“ и 25% Тушемиште) кои се наоѓаат во југоисточниот дел на езерото. Карстните подземни водни тела ја примаат и ја прочистуваат водата од Преспанското Езеро, чие ниво на вода се наоѓа 150 метри повисоко од нивото на Охридското Езеро.Поради големата старост и изолираност од околните планини, во езерото се развиени уникатни растителни и животински видови. Присутни се околу 1200 автохтони видови од кои повеќе од 220 се ендемични, се наведува во брошурата.
OhridNews