Домашни и на странски ансамбли, солисти, камерни состави, театарски претстави, балетски изведби, ја сочинуваат програмата на јубилејното педесетто Охридско лето, кое од 12 јули до 20 август ќе се одржи во Охрид. Организаторите конечно ја комплетираа програмата и ја објавија на својата интернет-страница.

Според објавеното, Охридско лето годинава ќе понуди 25 концерти, 13 театарски претстави, една балетска претстава и еден оперски гала-концерт. Локации на изведби ќе бидат Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, Долни сарај, „Св. Јован Канео“ и Центарот за култура „Глигор Прличев“. Отворањето е најавено за 21 часот на Античкиот театар, а ќе настапи Рускиот национален оркестар со Симон Трпчески, под диригентска палка на Михаил Плетњов.

До крајот на фестивалот публиката ќе може да проследи настапи на солисти и на дуо-состави и 10 концерти на оркестри и камерни состави. На 30 јули во „Св. Софија“ ќе зазвучи виолината на Џулијан Рахлин од Австрија, во пијано-придружба на Итамар Голан од Израел. На 10 август ќе се одржи вечер во чест на Шопен, а во меѓувреме ќе настапат и гости од Швајцарија, Србија, Русија, Австрија, Албанија, Словенија, Германија, Египет, Унгарија и од Чешка.

Јубилејното издание ќе го одбележат и осум концерти на домашни музичари, како Македонската филхармонија со гости од Русија, Младинскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет со солисти од Бољшој театарот од Русија.

Театарската програма на фестивалот ја сочинуваат осум домашни претстави и пет гостувања, од кои само една ќе биде премиерно изведена. Единствената премиера ќе дојде од Драмскиот театар од Скопје, кој ќе гостува со претставата „Хамлет“ во режија на Дејан Пројковски.

OhridNews