Во издание на Здружението за наука и култура „Галикул“ од Скопје, со финансиска поддршка од Министерството за култура, излезе од печат најновата книга „Импулс“, книга со хаику поезија на охриѓанецот Пере Ристески. Книгата изобилува со педесетина хаику фрагменти.
По неколкуте објави на поетски книги: Гревот на првата љубов, Крајпатни ветришта, Во преграб на мигот, Зен верс, Еден вечен неделен ден, Ристески овој пат се претставува со нов стил во пеењето – хаикуто. Покрај хаику, Ристески пишува и танка, сенриу и сиџо поезија, објавувана во реномирани списанија во Европа и светот.
Во последниве години, во Македонија хаику-формата станува посебно популарна кај помладите генерации. Станува збор за свртување од прагматизмот на западната филозофија, кон контемплативноста, самоцелоноста и мистицизмот на источните филозофии. Зен-будизмот, врз чија основа се базира хаику поезијата, подразбира проблесок (зен), миг на контемплација на светот во кој се спојуваат најразличните нешта во една слика, аналошко сознание дека различното е исто. Од навидум банални и ефемерни детали на стварноста (како забавена снимка на германскиот секунденстил), се сочинува тристишие (со точно определена ритмика и метрика), во кое, како во мало огледало се огледува целиот свет. Од навидум неповрзани детали – се добива вистина за светот. Всушност, станува збор за посебен вид мистичен холизам, кој учи дека и во фрагментот се содржи целината, и дека само миговите на зен можат да ја доловат сликата на целината во фрагментот.
OhridNews