Пациентите кои во иднина ќе се лекуваат во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид ќе имаат подобри услови за престој и третман бидејќи оваа Јавна здравствена установа ќе биде целосно реконстурирана.
За таа цел Министерството за здравство на Република Македонија во текот на вчерашниот ден преку Електронскиот систем за јавни набавки го објави Јавниот оглас (тендер) за избор на изведувач на градежните работи за реконструкција и адаптација на објектите од болницата. Вредноста на оваа инвестиција е околу 3,5 милиони евра или точно 215 милиони денари. Понудите по овој јавен оглас треба да се достават најдоцна до 23 септември 2015 година, за кога е закажано и јавното отворање на истите.
Реконструкцијата на болницата „Св. Еразмо“ беше најавена во предизборната кампања за Изборите во април 2014 година од страна на кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш беше посочено дека е предвидено реконструкцијата на болницата да се изведе во две фази.
-Првата фаза ќе опфати реновирање на централната стара болничка зграда, реорганизирање на амбулантите, лабораторијата, дијагностичките содржини и централна стерилизација, како и реновирање на операционите сали со интензивна нега и болничките одделенија, со оформување на бањи во секоја соба и комплетирање на одделенијата со сите потребни содржини. Втората фаза која ќе трае од 2017 до 2019 година ќе опфати изградба на модерен Центар за интервентна кардиологија, каде во иднина ќе функционира Заводот Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан” од Охрид, најавија тогаш кандидатите за пратеници.
Проектот за спојување на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија и Заводот за превенција лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања го објасни и директорот на болницата „Свети Еразмо“ д-р Митко Тилев во изјава за OhridNews, дадена во месец јануари 2015 година.
-Владата на Република Македонија веќе има донесено одлука да настане спојување на овие две здравствени установи во делот на објектите каде што моментално се наоѓа и функционира нашата специјална болница. Проектот е веќе готов, обебедени се средства за реконструкција и адаптација на просториите и доколку се тече според најавите од ресорното министерство, градежните активности ќе треба да започнат во текот на 2015 година и истите ќе се одвиваат по фази, за да не се попречува моменталното функционирање на медицинските служби, изјави тогаш д-р Тилев.
Во истата прилика тој објасни дека новиот здравствен центар ќе функцинира на површина од околу 20.000 метри квадратни, но ќе има голема рационализација на трошоците, бидејќи ќе има заедничка трансфузијата, чуварска служба, кујна, трпезарија, пералната, техничка служба и физикалната терапија. Според најавите, центарот би требало да има пет операциони сали од кои две ќе му служат на Заводот за кардиологија, а две ќе се користат за ортопедски и други оперативни зафати.
Е.М