Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува објавувањето на романот „Се спушта самрак врз скалила стари“ од рускиот писател Александар Чудаков. Романот е добитник на наградата „Руски Букер“ за најдобар руски роман во првите десет години од XXI век (2011). Преводот на македонски е на Оливера Павловиќ.

На границата помеѓу Сибир и Казахстан е притаен еден малечок град што некој од врвот на власта го прогласил за зафрлено место погодно за прогонство на неподобните граѓани. Меѓутоа, градот, кој во романот се нарекува Чебачинск, е вистинска оаза. Tолкаво количество интелигенција на единица површина во 50-тите и во 60-тите години на минатиот век немало ниту во Москва, Париз или во Бостон. Во периодот на владеењето на Сталин, семејството на Чудаков се преселува од Москва во тоа зафрлено место, по своја волја, без да чека да биде прогонето. Неколку поколенија живеат и работат таму заедно, во едно големо сложно семејство, кое поминало сè – војни, револуции, репресии – но издржало, не се скршило и успеало од колено на колено да им пренесе на децата – вера, сила, светол разум, неверојатно душевно благородство.

Ова е, веројатно, последниот роман на векот што замина. Не е важно што се појави во овој век – според сè, припаѓа на тој страшен век што однесе милиони невини животи и не даде одговор за тоа. Од критиката романот е оценет како „интелектуална робинзонада“ и „неверојатна книга за тоа како под болшевичките стеги се зачувала вистинска Русија“.

Книгата е објавена со поддршка на Институтот за книжевни преводи на Русија.

Александар Павлович Чудаков (1938-2005) е руски писател и историчар и теоретичар на литературата. Бил еден од најпознатите специјалисти за творештвото на А.П. Чехов. Предавал литература во Русија. Бил визитинг-професор и на повеќе европски и американски универзитети. Ги обработувал и делата на Виноградов, Шкловски, Тињанов. Умира од тешка повреда на главата, добиена при неразјаснети околности.

OhridNews