Со цел да се создадат услови за рамномерен културен развој и да се обезбедат услови за достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, како и за да се поттикне заживувањето на културата на локално ниво, Министерството за култура догодина ќе обезбеди средства од државниот Буџет за реализација на манифестацијата „Град на културата во 2016 година“.
Според пропишаните услови, на јавниот конкурс кој е објавен деновиве, може да се пријават сите градови во Република Македонија, со доставување на програма со препознатлива културна и историска традиција и со презентација на актуелните културни вредности.
Пријавувањето на програмата се врши со доставување пополнета пријава која треба да се преземе од веб–локацијата на Министерството за култура и да се пополни електронски со впишување податоци на означеното место. Со пријавата градовите задолжително треба да достават и прецизна фестивалска програма со препознатлива културна и историска традиција и краток осврт на проектите кои се составен дел од програмата.
Конкурсниот рок ќе трае до 7-ми декември 2015 година, а за резултатите од Конкурсот, учесниците ќе бидат известени согласно со закон. Министерството за култура со градот чија програма ќе биде прифатена ќе склучи договор за реализација на манифестацијата „Град на културата во 2016 година“.
OhridNews