Краток клип на разговор меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев се појави во понеделник вечер на Youtube, во кој Заев му соопштува на Груевски за некакви материјали што ги добил од странски служби, пренесува „Макфакс“.
Од клипот не може да се открие за какви материјали станува збор, туку само, на прашање на премиерот дали е сигурен дека станува збор за странски служби, Заев потврдува дека ги добил од странски служби.
Во саботата премиерот Никола Груевски одржа прес конференција на која рече дека е спречен обид за насилно преземање на власта од страна на опозицијата, која преку пласирање на компромитирачки материјали доставени од странски служби, имала намера да го дискредитира него. Покрај тоа, Груевски рече дека токму лидерот на СДСМ го уценувал со вакви материјали, барајќи од него да се согласи да се формира техничка влада и да се распишат предвремени избори.
Од своја страна, истиот ден лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека поседува материјали кои, како што рече, ќе го разоткријат целиот криминал од страна на власта и дека овие материјали му ги доставиле „загрижени граѓани“ вработени во македонските институции.
Новинарот и аналитичар Сашо Орданоски во интервју за НОВА, рече дека токму Груевски е оној што му ги врзал рацете на Заев. Според него, Груевски прв презел чекор и го оневозможил Заев навреме да ги дистрибуира материјалите што ги има.
„Сега се отвора некаков судски процес, кој ќе се одолговлекува, а после три месеца на јавноста ќе и здосади“, вели Ордановски, при тоа додавајќи дека Груевски би можел и на медиумите, што евентуално би можеле да објават дел од материјалите, индиректно да им се закани со вршење на некакво кривично дело.
Ордановски смета дека при евентуалниот судски процес, Судот може добар дел од материјалите да ги окарактеризира како државна тајна, па така јавноста само дозирано да добива информации, додека медиумите ќе се најдат во непријатна ситуација да не се осмелат да објават нешто за што утре би можеле и кривично да бидат гонети.
OhridNews
извор:„Макфакс“