Објавен е јавен повик за доставување барања за користење ИПАРД средства, соопшти денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Огласот ќе трае до 5 мај 2015 година.
Финансиските средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 се наменети за инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на ЕУ стандардите, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктуирање и надградба и диверзификација и развој на руралните економски активности.
Потребната документација за аплицирање, вклучително и упатствата за корисниците на средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 може да се преземат од веб страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk , како и лично во приемницата на Агенцијата и во најблиските регионални центри или работни единици, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
Во Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството заинтересираните земјоделски производители можат да добијат и информации за изготвување и доставување барања, како и практични совети за аплицирање.
Целта на ИПАРД Програмата 2007-2013 е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на ЕУ, постигнување одржлива животна средина и социо-економски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување.
OhridNews