На You tube деновиве е објавен видео спотот и краткиот документарен филм на познатиот дански музичар со македонско потекло Бјонко, кој оваа пролет се снимаше на повеќе локации во Охрид и Битола. Во осумминутното видео сместен е и спотот за песната „Тикиташ“ една од нумерите од најновиот албум „Raunning Horses“ на Бјонко.
Бјонко Стошиќ Петерсен е познат дански кларинетист со македонско потекло, кој свири модерна музика со балкански примеси. Заедно со него во Охрид престојуваше и телевизиска екипа на Данската национална телевизија „ДК4“, која снимаше документарен филм за животот на Бјонко помеѓу Данска и Македонија.
Музичката кариера Бјонко ја започнал уште на шест годишна возраст и има дипломирано на Кралската академија во Копенхаген. Мошне е популарен во Данска. Заедно со неговиот бенд кој го сочинуваат седум члена, до сега тој имал голем број концертни настапи низ Данска, Шведска, Норвешка, но и на Балканот. До сега има соработувано со голем број македонски музичари како Горан Алачки и Златко Ориѓански.
За неговиот најнов албум „Raunning Horses“ кој бил промовиран во февруари 2015 година во Копенхаген, Бјонко вели дека го отсликува неговиот живот.
Инаку видео спотот и Документарниот филм за Бјонко официјално ќе бидат промовирани деновиве во Копенхаген.
OhridNews
Познатиот дански музичар со македонско потекло Бјонко снимаше видео запис и документарец во Охрид