Висок функционер на српското МВР со службен џип завчера околу три часот наутро го пресекол патот на колоната од возила во која бил српскиот претседател Томислав Николиќ. Обезбедувањето спречило трагедија, пишува српски „Курир“, пренесува „kurir.mk“.
Според пишувањата на српскиот весник, инцидентот се случил на автопатот Белград-Ниш.
-Претседателот Николиќ одеше кон Крагуевац. Тој беше во мерцедесот, а во автомобилите пред и позади него беше обезбедувањето, вели соговорникот на „Курир“ од безбедносните структури.
Кабинетот на српскиот претседател доцна вечерва излезе со соопштение, во кое се потврдува дека имало инцидент на автопатот по кој под придружба се движело службеното возило на Томислав Николиќ.
-Претседателот Николиќ изрази полна доберба во припадниците на српската полиција, кои се грижат за неговата безбедност, како и уверување дека ќе се испитаат сите аспекти од инцидентот, за кој не се соопштуваат други детали, соопшти претседателската прес служба.
Српските медиуми пренесуваат дека инцидентот го предизвикало службено возило на полицијата кое неовообичаено многу се доближило до колоната возила во која бил претседателот Николиќ.