Обезбедивме 2.5 милиони евра за капитални инвестици во Општина Охрид со ребалансот на Буџетот за 2024 година, а денес и нов закон за непречно да градиме катна гаража, нови училишта, градинки и болници, информира пратеникот во Собранието на Република Македонија, Сашо Донев.
Истакнува дека денес во Собранието заврши комисиската расправа за Законот за урбанистичко планирање, чиј предлагач е Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Со овој закон се олеснува процедурата за реализирање капитални проекти во сите општини, градинки, училишта, амбуланти, болници, катни гаражи, вели Донев.
Предлогот Николоски го изнесе денеска на седницата на собраниската Комисија за транспорт, која го проследи во натамошна процедура Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.
Министерот Николоски истакна дека целта на измената на Законот е побрзо да се направат проектите со кои ќе може да се реализираат објектите.
Тоа не значи дека воопшто нема да има процедура, туку таа ќе биде многу поедноставена. Законот за урбaнистичко планирање треба да претрпи сериозни измени во следниот период затоа што не е прилагоден на условите и времето, а за тоа би се дискутирало во широка јавна дебата со стручната јавност, невладините организации и сите засегнати. Овие измени се неопходни, затоа што доколку не ги направиме сега паралелно со ребалансот на Буџетот општините нема да можат да ги трошат средствата за проектите, посочи.
Рече дека втората измена од Законот која се однесува на одредбата со која е ставен рок од четири години во кој треба да се завршат сите постапки за донесување на урбанистичките планови, а ако не се завршат да се вратат од почеток, е веќе оспорена од Уставниот суд.
Прашање на време е кога ќе ја прифати затоа што не можете со закон да креирате правна несигурност. Креираната правна несигурност е во три насоки. Прво, како е определен рокот од четири години, второ, кој вели дека планот мора да се донесе и како трето, во моментов преку 600 планови се заглавени и не се ниту напред ниту назад. Ниту јас како министер можам да ги прифатам, ниту да ги одбијам, ниту Министерството може да даде позитивно и негативно мислење. Свесен сум дека намерата била добра, но ова мора го затвориме правно што не значи, ова е мој политички став, дека тие планови ќе се донесат. Може да се донесат, а може и не, бидејќи има минимум два политички филтра – Министерството што го водам и општините, од кои во најголем дел ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата има мнозинство, рече Николоски.
Со третата измена на законот појасни дека се брише правилото „молчењето е одобрување“ за урбанистичките планови, заради, како што рече, претходно дивеење на одредени општини, односно се јакнат ингеренците на Министерството за транспорт.
Веќе нема да се прават манипулации, да не речам „финти“, да се користи рокот од 20 дена. Досега законот велеше дека во рок од 20 дена доколку Министерството за транспорт не се произнесе во однос на конкретен урбанистички план се смета дека добил позитивно мислење. Тоа веќе нема да се случува, рече Николоски.
Во периодот од нелегално носење на тој план до периодот на стопирање, посочи министерот, таму се издавале градежни дозволи кои потоа не можеле да бидат укинати.
Затоа оваа можност ја бришеме целосно за никому да не даваме креативни идеи како да го изигрува законот. Сега Министерството е основниот и главниот филтер за стопирање на сите процедури кои сметаме дека ќе го нарушуваат квалитетот на живеење, наведе Николоски.
Во случај на евентуален обид за незаконско носење на планови, најави дека во истиот момент кога ќе се случува седницата на општинскиот совет, „надвор ќе чекаат неколку инспектори од Министерството за внатрешни работи затоа што тоа е класична злоупотреба на службена положба и овластување“.
Тој праша и како е проблем да се градат катни гаражи во услови кога во половина држава тротоарите се окупирани со возила, потенцирајќи дека тоа ќе биде еден од начините на решавање на сообраќајниот хаос.
Убеден сум дека измените на Законот се во целосна корист на општините и дека правиме исклучиво добра работа, рече Николоски.
OhridNews