Со посветено, одговорно и домаќинско работење реализиравме бројни проекти за да ги подобриме условите за живот на сите граѓани, да ги зголемиме можностите за социјален и економски развој и да ги зачуваме природните, културните и духовните обележја на Охрид, на радост и задоволство на сегашните и идните поколенија, рече во своето обраќање градоначалникот Јован Стојаноски давајќи отчет за сработеното на локалната самоуправа во изминатата една година.

Како што истакна Стојаноски, во изминатиот период акцентот бил ставен на стратешкиот пристап за развој на Охрид, консолидацијата на јавните претпријатија и раздолжувањето на општината. Градоначалникот потенцира дека со правилно менаџирање и  претходно изготвена стратегија за работа,  обезбедена е финансиска консолидација на охридските јавни претпријатија коишто за период од една година бележат пораст на приходите и намалување на трошоците по сите основи.

  • Долгот на Општина Охрид по стари обврски е намален за 100 милиони 914 илјади 576 денари. Преку склучување спогодби и регулирање на односи со доверители Општината има остварено заштеда од 17 милиони 572 илјади 707 денари.  Во однос на долгот што го има ОУ „Григор Прличев“ наместо 15 милиони и 800 денари благодарение на заштеда преку отпис на камата плативме 9 милиони и 403 893,00 денари, а со останатите доверители во тек е потпишување на спогодби. Се очекува сметката на ОУ „Григор Прличев“ да биде целосно деблокирана најдоцна до  првиот квартал на 2019 година. Дополнително извршивме заштеда преку отпис на камата, рече градоначалникот. Стојаноски додаде дека целосното раздолжување на општината зависи  од капацитетот на државниот буџет и  политиките на  централната власт која во неколку наврати покажала интерес за целосно подмирување на основицата на долгот.

Градоначалникот Стојаноски информира и дека е започната изработката на стратегија за урбана мобилност за периодот од 2019 до 2030 година, со што општина Охрид ќе биде прва во Македонија со ваков стратешки документ. Во врска со проблемите во сообраќајот, Стојаноски рече дека се решава врз основа на посебна студија чија изработка е во тек. Се работи и на ревидирање на стратегијата за развој на туризмот за подолг период, која се подготвува со помош на швајцарската агенција „Свис контакт“.

  • На добар пат сме, конечно да го решиме и проблемот со функционирањето на колекторскиот систем. За оддржувањето и реконструкцијата на овој капитален комунален објект општините Охрид и Струга немаат доволно финансиски средства и затоа веруваме во ветувањето дека системот на управување ќе го преземе Владата на Република Македонија. Исто така убедени сме дека ќе продолжат веќе започнатите активности за користење средства од странски фондови. Заедно со трансграничните проекти како што е оној за Дримскиот басен се прават исклучително важни чекори за заштита на  Охридското Езеро, рече Стојаноски.

Градоначалникот информира дека за реката Сатеска се предвидува реконструкција на пренасочувачкиот објект за регулирање на водата во периоди на високи води, што ќе доведе до намалување на 150.000 м3 седименти кои на годишно ниво се депонираат во водите на Охридското Езеро, а систематски се спроведуваат и активности за заштита на Студенчишкото блато.

Просторот на поранешната касарна „Михајло Апостолски“ конечно е во сопственост на општина Охрид, а согласно урбанистичкото решение таму ќе бидат сместени неколку институции и училишта. Градоначалникот се осврна и на реализираните комунални зафати во изминатиот период, а најави реализација и на низа други.

Т.К.