Mинистерството за надворешни работи соопшти дека во соработка со партнерски земји е обезбеден транспорт за евакуација на наши државјани кои се наоѓаат во Одеса, Украина.
Поради тоа, апелираме нашите државјани кои се наоѓаат во Одеса, итно да го контактираат Министерството, со цел достава на податоци и координација на процесот за евакуација на дежурниот телефонски број +389 75 273 732. Воедно, Министерството остварува комуникација со нашите државјани со чии податоци располага, со цел достава на насоки за постапување, се вели во соопштението од МНР.
Дополнително, се прават напори да се обезбедат начини за евакуација и за македонските државјани кои во моментот се наоѓаат во Харков и Киев, за што од МНР дополнително ќе информираат.
Од МНР соопштуваат дека во текот на денот имало неколку јавувања од наши транспортери на камиони кои заради воените дејствија во Украина се заглавени на украинско-полската и украинско-романската граница.
Амбасадите во Букурешт и Варшава, цел ден активно комуницираат со полските и романските власти, а се обидуваат и преку украинските конзулати во Романија и Полска да им помогнат на овие наши превозници за да ја напуштат украинската територија без да претрпат економски последици, соопшти вечерва МНР, апелирајќи до сите транспортни превозници да се воздржат од проток и патувања кон Украина затоа што состојбите се крајно непредвидливи и нашите институции не можат да ја гарантираат нивната безбедност.
OhridNews