Парите издвоени од државниот буџет наменети за исплата на обесштетувањето за минатогодишните земјотреси во Охрид ќе почне за два до три дена, информира Раде Велјаноски од Општинската комисија за проценки на штети.

Од вкупно проценетата штета од општинската комисија во висина од  43 милиони денари, владата одлучи од државниот буџет за оваа намена да издвои 15% од бараните средства, односно 6.400.000 денари.

  • Дали тоа е доволно или не, не можам да кажам. Така проценила комисијата при владата. Елаборатот беше испратен до владата и републичката комисија за проценка на штети и пред два дена стигна одлука дека охриѓани ќе се обесштетат со 15% од проценетиот износ на штета од страна на општинската комисија. Парите стигнаа на општинската сметка и за два до три дена ќе почне исплатата, изјави Велјаноски.

Во врска со минатогодишните земјотреси до општинската комисија пристигнаа 862 барања, од кои 802 од физички и 60 од правни лица.

На денешната седница на советот на општина Охрид советниците го усвоија и елаборатот за проценка на штети од поплавите предизвикани од невремето на 17-ти март годинава.

Елаборатот деновиве ќе се испрати до владината комисија по што треба да се донесе одлука во колкав износ ќе се обесштетат граѓаните. Велјаноски уверува дека исплатата на овие обесштетувања ќе се случи наскоро.

Поради штетите предизвикани од невремето во март барања за обесштетување до општинската комисија стигнале 129, од кои 20 од правни, а останатите од физички лица. Проценката на општинската комисија е дека станува збор за штета во висина од околу 19 милиони денари.

OhridNews