Во издание на Смол Стејшен Прес, Софија-Лондон, од печат излезе обемен поетски избор  насловен Последните ракописи од  Славе Ѓорѓо Димоски. Изборот, преводот и предговорот е на Роман Кисјов, потврден препејувач на македонската поезија на бугарски јазик. Има објавено над десетина поетски преводи од македонската поезија, меѓу кои на: Ацо Шопов, Анте Поповски, Матеја Матевски, Радован Павловски, Влада Урошевиќ, Ренџов, Клетников и др.

Книгата претсавува пресек на досегашните поетски објави на Ѓорѓо, а преведувачот одбраните песни ги групирал во седум кругови (Тајно тело, Во здивот, Пастраст, Предмети и аргументи, Блиска втска,  Височина и Последните ракописи) за да се добие повпечатлив увид во неговиот поетски развој. Во предговорот Кисјов вели: „Славе Ѓорѓо Димоски е едне од најсјајните и оригинални современи македонски поети. Неговата поезија е длабока, метафизичка, медитативна, енигматична, драматична, провокативна, изненадувачка…

Тој автентичен поет го утврдува чудото на Поезијата и чудото на Животот во неговата целост. За него поетскиот јазик не е само средство, инструмент, туку и одделно духовно битие, со свои закони со свое (друго) време и пространство…

Во Последните ракописи вклучено е најдоброто и најкаректеристичното од неговата поезија од различни книги и етапи во творештвото и го претставува максимално целосно, акцентирајќи го многуобразието како на темите, идеите, посланијата и состојбите, така и на неговите барања и експериментирања врз формата на стихот и нестандардниот, оригинален поетски јазик.“

Издавањето на книгата е поддржано од интернационалната литературна мрежа ТРАДУКИ. По Зборови и вода (2008 г.) оваа е негова втора книга на бугарскиот јазик,  петнаесетта поетска книга објавена на еден од светските јазици, а поединечни песни и поетски циклуси му се преведени на триесетина јазици.

Во текот на април познатата издавачка куќа Архипелаг од Белград ќе ја објави неговата најнова книга Јазичен триптихон, наградена со годинашната награда „Ацо Шопов“.

OhridNews