Американскиот претседател Барак Обама одлучи да не се објавуваат фотографии од убиениот Осама бин Ладен и, исто така, да не бидат објавувани слични докази за смртта на лидерот на Ал Каеда, јави во средата телевизијата CBS News повикувајќи се на самиот претседател на САД.

„Во интервју за Стив Крофт коешто ќе се емитува во неделата програма ’60 минути’, претседателот Обама изјави дека нема да ги обнародува посмртните фотографии на Осама бин Ладен, снимени да ја докажат неговата ликвидација“, јави вечерва CBS News.

Лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, беше убиен во ноќта на 2 мај по локално време, кога специјалните сили на армијата на САД упаднаа во утврдената куќа во близина на градот Аботабад, во близина на пакистанскиот главен град Исламабад. Телото на лидерот на ,моќната глобална терористичка мрежа беше погребано во морето.

Од друга страна, се’ уште актуелниот директор на ЦИА, Леон Панета, во телевизиско интервју изјави дека објавувањето на тие фотографии е само прашање на време.

Портпаролот на Белата куќа, Џеј Карнеј, сепак во текот на средата  беше попретпазлив – тој рече дека фотографите „ужасуваат“ и оти нивното објавување би можело да доведе до непредвидливи последици. Тој истакна дека американската администрација размислува околу тоа дали тие треба да бидат обелоденети.

Досега американските власти на јавноста не и’ презентираа ниеден вистински доказ за убиството на Осама бин Ладен. Тие се ограничија само на соопштението дека ДНК тестот 100 отсто го потврдил идентитетот на жртвата.

Во средата претседателот на Комисија за разузнавање на американскиот Претставнички дом, Мајк Роџерс, изјави дека администрацијата не треба да ги објави фотографиите, бидејќи нивно прикажување може да предизвика немири на Блискиот Исток.

„Замислете како американскиот народ би реагирал доколку  Ал Каеда убие еден од нашите војници или воени лидери, и ги постави фотографиите на интернет, Осама бин Ладен не е трофеј Тој е мртов, а сега ајде да се концентрираме на борбата, се’ додека Ал Каеда не биде целосно уништена“, ги цитира зборовите на Роџерс американската телевизија CBS News.

OhridNews
извор: „Макфакс“