Американскиот претседател Барак Обама прогласи вонредна состојба во сојузната држава Флорида поради приближувањето на ураганот „Метју“, кој е најсилната карипска бура наназад најмалку една деценија, а му се приближува на југоистокот на САД, откако на својот пат кон северот веќе однесе 136 човечки животи на Хаити, со што бројот на жртвите се зголеми на 140, јавува „Макфакс“.
Како што објави Белата куќа, вонредната состојба во Флорида што ја прогласи претседателот Барак Обама, им овозможува на министерството за татковинска безбедност и сојузната агенција за управување со вонредни состојби да ја координираат помошта доколку дојде до катастрофа.
Ураганот „Метју“ стана „екстремно опасен“ ураган од 4-та категорија, и се очекува дека на тој степен ќе се задржи и кога ќе пристигне до југоисточните области на САД, каде што директно ќе ја погоди сојузната држава Флорида или ќе се движи по нејзиниот брег во петок навечер.
Додека „Метју“ преку северозападните области на Бахами му се приближува на атлантскиот брег на Флорида, брзината на неговите ветришта се зголеми на 220 километри на час, објави американскиот сојузен центар за урагани, додавајќи дека станува збор за „најсилниот ураган кој ја погодил оваа област во изминатите десет години“.
Пред ударот на ураганот евакуирани се повеќе од два милиони Американци. Гувернерот на Флорида, Рик Скот изјави дека стравува од потенцијална катастрофално и смртоносно сценарио во коешто неговата сојузна држава ќе ја погодат моќни ветришта, подигнување на нивото на морето и излевање на океанот, како и други метеоролошки опасности.
„Евакуирајте, евакуирајте, евакуирајте“, порача Скот на прес-конференцијата, додавајќи дека „времето истекува“.
Најсилниот ураган во последните десет години во средата ги погоди југозападните региони на Хаити, оштетувајќи околу 80 отсто од куќите во област во којашто живеат повеќе од 700.000 луѓе. Во урнатините и поплавите загинале најмалку 136 лица.
Хаити, најсиромашната држава во Централна Америка, во недела требаше да ги спроведени претседателските избори, но тие се одложени поради катастрофалните последици од ураганот. Хаити е најранливата од сите карипски земји кога станува збор за временските прилики, во прв ред поради големата дефорестација и ерозијата на земјиштата.
Ураганот налета и во Домениканската Република, каде што четири лица ги загубија животите, а го погоди и источниот брег на Куба, областа 90 километри источно од заливот каде што е американската воена база Гвантанамо.
OhridNews
извор:„Макфакс“