Дали Америка ноќеска ќе го добие првиот црн претседател ќе биде познато по пребројувањето на гласовите од рекордниот број избирачи кои во долги редици чекаат да го дадат својот глас. Тоа ги потврдува предвидувањата дека овогодинешните претседателски избори после најдолгата и најскапата предизборна кампања ќе имаат и рекорен одѕив со околу 130 до 140 милиони избирачи.


Обама или Мекејн ?

   
Првите избирачки места се затвораат на полноќ по македонско време по што CNN ќе ги објави првите излезни анкети. Треба да се напомене дека излезните анкети на претходните избори се покажаа погрешни, отстапувањето од резултатите беше скоро десет отсто, па многу медиуми однапред објавија дека Џон Кери го победи Џорџ Буш.

Во досегашниот тек на американските претседателски избори освен долгите редови има и масовни проблеми на избирачките места. Од сите страни пристигнуваат жалби дека избирачките места не се добро подготвени, дека избирачките списоци се непотполни и дека многу избирачи биле замолени да го уфрлат гласачкото ливче во кутија наместо да користат електронски апарати за гласање.

Демократскиот кандидат Барак Обама кој води на анкетите својата предност ја преточи во конкретна победа на терен со оглед на тоа дека победи на две мали гласачки места во сојузната држава Њу Хемшир. Станува збор за места во кои републиканците слават веќе 40 години, па медиумите веќе разгласија дека демократот Обама ја освоил „првата републиканска тврдина“.

Сепак многумина американци потсетуваат на „ефектот Бредли“ според кој луѓето во анкетите изјавуваат дека ќе гласаат за Обама за да бидат општествено прифатени и да не бидат обвинети за расизам, но всушност кога ќе бидат сами во моментот на гласањето својот глас ќе го дадат за Меккејн.

Јасминка Т. Момироска