Насоките изготвени по широка консултација со медиумската заедница, ќе помогнат во развојот на солиден и кредибилен систем за саморегулација на медиумите на Интернет и зајакнување на независното, професионално и одговорно известување на Интернет, велат од Советот за етика во медиумите (СЕММ), кој работеше на оваа проблематика изминатиот период, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Етичките стандарди треба да се применат на сите медиумски платформи бидејќи етичките предизвици на новинарството се валидни и офлајн и онлајн, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.

Според извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, во сите демократски општества саморегулацијата е најдобриот начин да се зголеми одговорноста на онлајн медиумите и да се превенира носењето непотребна медиумска регулатива. Околностите, како во работењето на традиционалните, така и во онлајн медиумите, брзо се менуваат што бара постојано унапредување на етичката рамка.

Се надеваме дека овој саморегулаторен инструмент ќе ги мотивира онлајн медиумите да ги опфатат вредностите на професионалното и одговорното новинарство во својата работа. Целта на Насоките е да послужат како инструмент којшто ќе помогне во решавање на дилемите околу аспектите поврзани со новинарските содржини што се објавуваат онлајн. Тие аспекти не се опфатени или не се објаснуваат детално во сегашната етичка рамка. Суштинска задача на нашиот Совет е да се зајакне и да се врати јавната доверба во новинарството. Во оваа смисла, ќе продолжиме да се залагаме за примена на етичките стандарди ширум различните медиумски платформи, заклучи Тунева.

Насоките се однесуваат на сите информации и содржина што ги објавуваат оналјн медиумите, на социјалните мрежи или други онлајн платформи.

Премиерот Заев ги поздравува Насоките за професионално известување во онлајн медиумите

Како што напиша утрово на својот фејсбук профил премиерот Заев, подигнувањето на професионалните стандарди во онлајн медиумите е многу значајно во ера на лажни вести. Владата, додава, ги охрабрува медиумските работници во достигнување на највисоките стандарди во нивната професија и ќе го задржи приоритетот да создава услови за нивно остварување.

Ги поздравувам Насоките за професионално известување во онлајн медиумите што ги изработи Советот за етика во медиумите поддржан од ОБСЕ. Подигнувањето на професионалните стандарди во онлајн медиумите е многу значајно во ера на лажни вести и затоа сметам дека само на таков начин ќе се заштити и медиумската публика и граѓаните. Очекувам овој документ да помогне во одржување и развивање силен и кредибилен систем на саморегулација на онлајн медиумите, што секако ќе го зајакне и независното, професионално и одговорно новинарско известување. Владата им честита и ги охрабрува медиумските работници во достигнување на највисоките стандарди во нивната професија и ќе го задржи приоритетот да создава услови за нивно остварување, наведува премиерот Заев.

OhridNews