Владата вечерва ги објави протоколите за работа на угостителските објекти. Угостителските објекти за исхрана, ќе имаат ограничено работно време, ќе работат исклучиво на отворените делови, односно тераси, а вработените задолжително ќе треба да носат заштитна опрема. На маса ќе можат да седат ограничен број луѓе со задолжително држење дистанца. Забрането е организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и слично.

Иако вчера министерот за економија Бектеши на прес конференција изјави дека угостителските објекти ќе работат до 20 часот, Протоколот кој подоцна го објави Владата предвидува работно време од 08 до 22 часот.

Во нијанси се разликува Протоколот за отворање и работа на кафетериите во услови на пандемија. Како и кај рестораните и кафетериите ќе може да работат само на отворените делови – тераси. Ќе треба да се почитуваат мерките за заштита од Ковид 19 кои предвидуваат засилени санитарно – хигиенски мерки и менаџирање на влезот на гостите. И тука се ограничува бројот на лица кои можат да седат на иста маса на 4, а послужувањето на шанк е забрането.

Од почитувањето на протоколите и натамошниот развој на пандемијата во земјата, ќе зависи дали ќе има дополнително олабавување или затегнување на мерките за заштита од Ковид 19, најави Владата, која по 66 дена вчера ја укина забраната за движење  и дозволи отворање на угостителските објекти.

OhridNews