По комплетирањето на техничките и продукциски делови, деновиве е објавен и првиот официјалниот краток спот за филмот „Дедо и внук“, првиот долгометражен филм на охридскиот режисер и сценарист Илија Пиперкоски.

Филмот започна да се снима кон средината на април 2017 година и е единствениот долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Димитрие Османли „Мирно лето“, кој е целосно снимен во Охрид.

– Во еден мал туристички град, пензионерскиот живот на Никола е со секојдневна рутина. Последните години од неговиот живот ги минувам како вдовец. Неговата жена е почината пред 10 години. Се има навикнато да живее како самец. Неговите комшии му се единствени пријатели кои го посетуваат и го проверуваат неговото здравје. Никола е свесен дека нема уште многу време за живеење. Последниот период го минува во тишина, размислувајќи за периодите од неговиот живот, на моментите на радост и тага, на поентата за живеењето, за одлуките кои и донел, за работите кои ги направил, а и за тие кои не ги направил. Но, еден ден, неговиот спокоен живот, ќе биде нарушен со ненајавеното доаѓање на неговиот единствен внук кој нема дојдено кај Никола повеќе од 10 години, открива дел од приказната режисерот Пиперкоски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски.

Премиерата на филмот е закажана во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, на почетокот на месец декември.

OhridNews