Близу четири месеци од првото рочиште од судењето за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје, во Основниот Кривичен суд денеска ќе биде објавена пресудата за случајот во кој се обвинети Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски.
Во овој процес, Основното јавно обвинителство – Скопје ги гони обвинетите за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Во текот на доказната постапка, обвинетите, најпрво, изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителството потоа изведе докази кои се однесуваа на обвинителниот акт. Се изведоа материјални докази помеѓу кои беа и видео-снимката од конкретниот настан, сведоштва на очевидци на настанот како и вешти лица од областа на судската медицина и психијатријата.
Одбраната во текот на доказната постапка, преку изведените докази и изјави за медиуми, алудираше на преквалификација на делото, бидејќи, според нив, во кривичното дело „убиство“ за кое се обвинети обвинетите, недостасува умислата. Тие, исто така, испрашуваа очевидци на настанот, како и вешти лица од областа на психијатријата и психологијата, а на нивен предлог сведочеа и лекарите кои го лекувале оштетениот Денис Тот по приемот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
По завршувањето на доказната постапка, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна, додека, одбраната и обвинетите, ослободителна пресуда.
По нецели четири месеци расправа, Судечкиот совет на чело со судијката Елена Илиевска Јосифовиќ одлучи пресудата да ја објави денеска.
OhridNews