Ориз, брашно, тестенини, масло, млеко, јогурт, млечни производи, зеленчук, овошје, се на листата со 73 три производи во таканаречената есенска потрошувачка кошница. За нив бруто профитната маржа ќе биде ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало, а во маркетите ќе бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, одлучи денеска Владата, на предлог на Министерството за економија и труд.

Одлуката на Владата за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи ќе стапи во сила наредниот ден по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 31 октомври годинава.

Ресорниот министер Бесар Дурмиши на прес-конференција рече дека со стапување во сила на оваа одлука се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалоци да се намалат во просек за околу 10 проценти.

Дурмиши соопшти дека ваквата одлука е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индекс на трошоци за живот, кои покажуваат дека споредено август 2024 година, со декември 2023 година, евидентирано е зголемување на трошоците за храна за 4 проценти, од кои најголемо зголемување има кај овошјето од 10,9 проценти, кај млекото, сирењето и јајцата од 6,6 проценти, кај зеленчукот од 3,9 проценти, кај месото од 3,6 проценти, и кај лебот и жита од 2 проценти. За истиот период, трошоците за безалкохолни пијалоци се зголемени за 9,4 проценти, од кои кај минерлната вода, безалкохолните пијалоци, соковите од овошје и зеленчук зголемувањето е од 11,1 процент, додека кај кафе, чај и какао зголемувањето е од 7,7 проценти.

Согласно податоците, во консултација со работната група која беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд, за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат. Нашите проценки се дека со стапување во сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалоци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци, рече министерот Дурмиши.

Според Одлуката, трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе„ кој е објавен на веб – страницата на Министерството за економија и труд.

Исто така, посочи Дурмиши, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70 проценти од прибавените количини во август годинава од овие производи на листата.

Мерката есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе се применува како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница со ограничено време на траење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

OhridNews