Градоначалникот Кирил Пецаков претпладнево го одржа првиот координативен состанок со Организцискиот одбор за подготовка на најмасовната културно- верска манифестација кај нас Богојавление- Водици. Очекувањата се дека и годинава празникот ќе биде одбележан на највисоко ниво со бројни посетители од земјава и странство.

Во согласност со традицијата, Богојавленските чествуавања ќе бидат составени од два дела. Првиот дел е црковниот, за кој е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и вториот е граѓански и го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.

На 19-ти јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7 часот наутро.   Годинава  Свети Литургии со почеток во 8:15ч.  ќе се одржат во четири парохиски цркви; Успение на Пресвета Богородица –  Каменско, Св. Никола- Геракомија, Св. Никола- Долна Влашка Мала и Св. Георгија- Горна Влашка Мала.  Литијата кон градското пристаниште ќе се упати во 9:45 часот. Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од градското пристаниште, а чинот на полагањето ќе го изврши Митрополитот тетовско –гостиварски Јосиф.

Во сите парохиски цркви во Охрид веќе е започнато пријавувањето на капачите кои сакаат да бидат дел од настанот. До сега покрај  охриѓани, своето учество го пријавиле и голем број верници од други градови на Македонија.

Истиот ден во 12 часот на месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштевање во Охридското Езеро. И годинава  во организација на Црвен Крст ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Како дел од подготвителните активности  и логистиката на настанот во  недела на 12-ти јануари и покрај најавените снежни врнежи  охридските нуркачи ќе спроведат чистење на дното од Охридското Езеро, на просторот каде ќе се одржува фрлањето на Светиот крст. Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот со зеленило и верски знамиња, како и низа значајни активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

Прославата за Водици во Охрид, продолжуваат на 20-ти јануари со уникатната манифесатција Денот на рибарите во чест на празникот Свети Јован Крстител.

OhridNews