Денеска предметниот јавен обвинител постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лицето кое беше лишено од слобода во Струга поради постоење на основано сомнение дека сторило кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 ст.1 од Кривичниот законик, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителството.
Оттаму посочуваат дека осомничениот во временскиот период од почетокот на август 2021 година до почетокот на септември 2021 година со цел неовластено купување, пуштање во промет и посредување во продажба на наркотична дрога – метиламфетамин и кокаин, создал меѓународна криминална група на која припадници станале петмина австралиски државјани кои дејствувале на територијата на Западна Австралија. Секој член на групата имал своја улога на купување, продажба, посредување во купопродажба, нудење на продажба и пренесување на наркотичната дрога, со цел понатамошна продажба.
Македонскиот државјанин користејќи различни платформи преку енкриптирачки мобилни уреди пристапувал и комуницирал под псевдоними и притоа, во критичниот период, договорил неовластено купување на 10 kg метиламфетамин по цена од 2.400.000 австралиски долари, неовластено посредување на 37 kg метиламфетамин во вкупна вредност од 8.880.000 австралиски долари и 7 kg кокаин по цена од 2.240.000 австралиски долари за вкупната количина кокаин. Купопродажбата и примопредавањето на дрогата се одвивала преку австралиските членови со кои се договарал за местото, времето и начинот на преземање и плаќање на истата, информираат од Обвинителството.
Австралиските државјани, како што се наведува во соопштението од ЈО, во акција спроведена на 31.08. и 1.09.2021 година на територијата на Австралија од тамошните органи на прогонот, се лишени од слобода и против истите се води кривична постапка пред австралиските надлежни органи. Во изминатиот период доказите обезбедени од австралиските власти преку меѓународна правна помош беа доставени до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Вчерашната акција е резултат на претходно спроведена постапка.
На предлог на Обвинителството судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот со Решение му е определи мерка притвор во траење од 30 дена.
OhridNews