Здружението на Балканските Египќани во Македонија; Асоцијацијата за интеграција на Египќаните „Птах“ и Здружението за заштита на културниот идентитет на Египќанитe „Изида“ денес преку заедничко писмено соопштение реагираа на содржината на наводните прислушкувани разговори и смс-пораки од т.н. 21-ва бомба на СДСМ за „Вистината за Македонија“, кои вчера беа презентирани во Охрид.
-Невладините организации кои се грижат за заштита на идентитетот, човечките и малцинските права на заедницата на Балканските Египќани во Македонија, не се изненадени но се згрозени од лицемерието и не-толеранцијата што се применува кон припадниците на заедницата на Египќаните, од страна на поедини лица од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, кои воедно се и најблиски соработници во кабинетот на актуелниот премиер на Република Македонија. Непочитувањето на етничкиот идентитет на припадниците за заедницата на Египќаните во Охрид и Македонија, претставува грубо кршење на Уставот на Република Македонија, како и на универзалните човекови права и меѓународните стандради за заштита на националните малцинства, пишува во писмената реакција.
Во неа се потенцира дека со овие објавени материјали уште еднаш се потврдува политичката и општествената аномалија, предрасуда и стереотип во Македонија, дека припадниците на заедницата на Египќаните се граѓани од втор или трет ред, кои не треба да уживаат никакви граѓански права и треба да бидат само брутално инструментализирани на изборните денови.
-Ги повикуваме Мартин Протуѓер, како и партијата ВМРО-ДПМНЕ, јавно да им се извини на сите припадници на заедницата на Египќаните во Македонија, за непочитување на етничката посебност и идентитет, како и за обидот за поттикнување на расна и етничка нетрперливост кон припадниците на заедницата на Египќаните. Невладините организации кои се грижат за заштита на идентитетот, културата, човечките и малцинските права за заедницата на Балканските Египќани во Македонија, ќе ја разгледат и можноста за барање на кривична и граѓанска одговорност од лицето Мартин Протуѓер. Исто така, релевантните меѓународни институции и механизми за заштита на човековите и малциските права ќе бидат информирани за овој случај, пишува во писменото соопштение.
OhridNews