Невладината организација Македонска цивилизација и иднина во која се вклучени неколку студенти, новинарот Миленко Неделкоски, генералот Горан Стојков, професорот Аристотел Тентовв и режисерот Борис Дамоски  одржа трибина на која со граѓаните на Охрид се разменија мислења околу актуелните политички состојби со името на Република Македонија. На трибината охриѓани ги слушнаа ставовите на оваа невладина организација, но, и тие имаа прилика да кажат што мислат за промената на името и членството во НАТО.

Професорот Аристотел Тентов, пред охриѓани ги изнесе неговите сознанија за потеклото и историјата на нашиот народ како и напорите кои ги прави тој со неговите приврзаници во докажувањето и афирмирањето на македонскиот идентитет, самобитноста и потеклото, а се продискутира и за некои горливи прашања од историјата, како што е големата преселба на народите, која денес пополека се оспорува дури и во Руската академија на науките.

Миленко Неделкоски ги искритикува медиумите во Македонија, за кои јавно рече дека се во рацете на одредени луѓе кои водени до бизнис и лични интереси медиумите ги окупираа и од нив направија приватни бастиони за продуцирање на лична моќ, и детално појасни со какви опструкции се соочувале членовите на неговата невладина организација, почнувајќи од работните места, факултетите на кои студираат па се до лични притисоци.

– Новинарската фела во Македонија најпрво не е изградена, а медиумите се заробени од сопственици кои имаат политички амбиции кои никогаш нема да ги остварат бидејќи не се харизматични за да бидат избрани, а од друга страна имаат бизнис интереси за кои пак се спремни да ја продадат програмска шема , логиката но, не само тоа туку и државата на која територија зрачат програма – изјави Миленко Неделкоски. Неговите ставови во интервју поопширно ги пренесува порталот Мegastar до кој можете да се линкувате преку банерот поставен на нашата интернет страница.

Охриѓани, бурно, со емоции и видна вознемиреност реагираа на можноста некој да се впушти во политичка игра за промена на името на државата. Тие на трибината едногласно побараа нови избори. Партиите ќе треба низ изборната кампања да се изјаснат дели се за или против промена на името, па потоа зависно од тоа како народот ќе гласа на изборите, властите да влечат легитимитет за да го сторат тоа, рекоа охриѓани.

ohridnews