Невладината организација „Фонд за развој на млади“ реагира на урбанизацијата на просторот во населбата Бејбунар. Според оваа организација, со одлуката на градските власти за изградба на станбена зона на посочениот простор, сво опасност се доведува културното наследтво, што според нив постоело на тој простор.

-Ние како млади луѓе на кои им претстои иднина изненадени сме од несовесното однесување на градоначалникот и Советот на општината, кои и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски и Министерството за култура продолжија да работат спротивно на законите и донесоа Детален урбанистички план за местото Бејбунар. Со тоа тешко го нарушуваат просторот во тој потег, а вооедно ги загрозуваат археолошките истражувања на локалитетот кој ветува наоди од универзална важност, изјави Митко Јанкуловски, претседател на НВО „Фонд за развој на млади“. Тој упати апел до другите невладини организации да им се придружат во иницијативата против урбанизација на населбата Бејбунар

Запрашан кои се  конкретните забелешки на невладината организација која во својата платформа ја има заштитата на интересите на младите, Јанкулоски немаше конкретен одговор, но посочи дека   целта на реакцијата е да се заштити културното наследство. Одговарајќи на новинарско прашање зошто невладиниот сектор не реагирал при донесување на други урбанистички решенија кои исто така се загрозувале природното или  културното наследство во Охрид, Јанкулоски истакна дека сега бил моментот за таква реакција.  Тој објасни дека невладината организација „Фонд за развој на млади“ постои од 2006 година и зад себе нема многу активности. Во неа како што рече тој членуваат 30-на млади лица, меѓу кои имало и еден археолог. Јанкулоски истакна дека членството во наредните денови ќе преземе конкретни активности за анимирање на пошироката јавност за проблемот со цел да се убеди локалната самоуправа да ја повлече одлуката за Деталниот урбанистички план во населбата Бејбунар со кој се предвидува изградба на колективни згради.

Ohridnews