Двајца португалски нуркачи ги пронашле остатоците од чартер летот од Џенова кој пред 33 години паднал во близина на португалскиот остров Мадеира. Авионот практично бил недопрен, па дури и крилата биле на него. Нуркачот Хозе Маркес за поругалските медиуми изјавил дека недостигал само кокпитот. На два километри од брегот, на длабочина од 105 метри, нуркачите ги пронашле сите седишта, појаси за спасување, маски за кислород, па дури и облеката на патниците на седиштата. Не ги пронашле остатоците на луѓето, иако во таа несреќа во 1977 година 36 лица ги изгубиле своите животи, а биле пронајдени само 19 тела.
Авионот на швајцарската компанија САТА полетал на 18 декември 1977 година од Цирих со 52 патници кои божиќните празници требало да ги минат во Мадеира. Откако уште неколку луѓе се качиле во авионот во Џенова, летот продолжил кон португалскиот остров. Непосредно пред слетувањето екипажот направил фатална грешка, односно летале премногу ниско. Ја изгубиле пистата од видот, па поради оптичка илузија слетале во Атлантскиот Океан, четири километри од аеродромот. Истрагата покажала дека ниту еден од пилотите не бил обучен за ноќно слетување. Според тогашните известувања на медиумите, авионот останал на површината на океанот околу две минути, а потоа наеднаш потонал. Повеќето од патниците не успеале ниту да ги одврзат појасите за спасување.