Во опуштена атмосфера крај Охридско Езеро новиот голмански двоец се подготвува за пријателскиот натпревар со Катар. По голема пауза за еден репрезентативен меч, првпат се случува во составот да ги нема поранешните голмани Милошевски или Николоски.
Летово и двајцата конечно заминаа од македонската фудбалска лига. Важат за најталентирани и голмани на кои во иднина ќе се потпре македонската фудбалска репрезентација. Един Нурединоски (27 години, 195 см) и Томе Пачовски (27, 184) се чуварите на мрежата на А-тимот, за кои се очекува да ги наследат ветераните Петар Милошевски и Јане Николоски, иако и овие двајца сé уште не го кажале последниот збор во кариерата.
– Во последните пет години сум дел од репрезентацијата и имав можност да работам и со Николоски и со Милошески. Им се заблагодарувам за она што ме научија во овој изминат период, а научив многу. Се надевам дека ќе продолжам по нивниот пат и ќе бидам добар на голот како и ти е двајцата – вели Пачовски.
Нурединоски е негов врсник, заедно беа и во младата селекција за играчи до 21 година. Ривалството на Един не му пречи, вели дека тоа раѓа здрава конкуренција и добар квалитет.
– И двајцата сме квалитетни, и двајцата заслужено сме вклучени во националната селекција. Низ пријателските натпревари ќе се обидеме да се наметнеме кај селекторот, па кој ќе биде во подобра форма ќе биде првиот избор – вели Нурединоски.
Ниту едниот ниту другиот не се гледаат како конкуренција. Не се чувствуваат како непријатели, напротив, соработуваат добро, сé за доброто на репрезентацијата.
– Нормално е дека на тренинзите постои ривалство, но јас исклучително го ценам Нурединоски. Со него заедно бевме во младинската репрезентација, се познаваме долги години и без разлика кој ќе биде на голот ние меѓусебно ќе се бодриме и ќе си помагаме – вели Пачовски.
Слично размислува и Нурединоски, кој ги помина сите младински селекции, низ кои најмногу се дружеше токму со Пачовски.
– Јас и Томе сме иста генерација. Заедно сме уште од 15-годишна возраст, поминавме низ сите младински селекции, одлично се познаваме и нашите односи се апсолутно пријателски – рече Нурединоски.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com