Обезбедуваме финансиски средства со кои ги подигнуваме стандардите за управување со отпад, одржување на чиста и здрава животна средина, а со тоа и грижа за потребите и здравјето на граѓаните, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешното потпишување на договорот за заем во вкупен износ од 55 милиони евра со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) наменет за изградба на регионални системи за управување со отпад во сите пет плански региони во земјава.
Нагласи дека со обезбедените средства се планира воспоставување и развој на регионален систем за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион што значи директна помош на општините од сите региони.
Новиот пристап, како што кажа, ќе овозможи имплементација на подобро собирање, транспортирање и депонирање на отпадот и изградба на санитарни депонии во согласност со националното и ЕУ законодавство за депонии.
Инвестицијата опфаќа и набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање комунален отпад. Дополнително, ќе работиме и на развивање навики и подигање на свеста кај населението за селекцијата на отпадот и придобивките што ги имаат од тој процес, рече Нуредини.
Ова, според Нуредини, е долго очекуван процес на имплементација на Регионалниот проект за управување со цврст отпад според европските стандарди, процес што бара големи финансиски средства и во исто време треба да биде достапен за домаќинствата и правните лица.
Конечно, по 31 година независност, Северна Македонија сериозно инвестира во изградба на инфраструктура за управување со отпад според европските стандарди, што ја потврдува нашата посветеност како Влада и Министерство за реализација на зелената агенда на земјата. Дополнително, управувањето со отпадот во согласност со пропишаните стандарди на ЕУ ќе обезбеди имплементација на принципите на циркуларната економија во земјата, потенцира Нуредини.
OhridNews