САД веќе 20 години е пријател и партнер на Македонија и ги поддржува нејзините евроатлански аспирации, но она што е потребно во овој момент е надминување на политичката криза за враќање на патот кој ќе ја донесе земјата до евроатланските институции, порача денес американскиот помошник заменик државен секретар Викторија Нуланд, по средбата со премиерот Никола Груевски во Скопје.
САД е пријател и партнер на Македонија веќе 20 години и исто толку време поддржуваме и охрабруваме, без разлика на тоа кој е на власт, една обединета, силна, демократска и интегрирана во евроатланското семејство Македонија, тоа е нашата стратешка цел за оваа земја и тоа не прави силни партнери. Политичката криза направи потешкотии за лидерите да се фокусираат на тие цели и затоа мора да се надмине, сега е времето да се заврши оваа криза. САД се задоволни што работат заедно со ЕУ и еврокомеасрот Хан за да ги доближат партиите до еден пакет на разбирања кои ќе и дозволат на Македонија да се врати на патот кон евроатланските интеграции, растот, владеење на правото, слобода на медиумите и сите останати работи кои се важни“, порача Нуланд.
Таа додаде дека САД силно го поддржува договорот од 2-ри јуни и дека има уште неколку прашања коишто треба да се решат, а во таа насока ќе бидат и разговорите кои во вторник ќе ги има еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан со политичките лидери во земјата.
„Разговарав со сите клучни политички чинители околу тоа како да се надминат разликите и да се постигне овој договор, со што земјата може да оди напред кон работата во сферите на судството, медиумите, потоа да се адресираат сите грижи во изборниот процес и тоа ќе ни дозволи да се вратиме кон поддржувањето на аспирациите за членството во НАТО, а за тоа ќе бидат потребни сложени преговори со новата влада во Грција по прашањето за името, под посредство на медијаторот Нимиц. Ние сме подготвени да го понудиме нашето силно посредништво за добро решение, штом сите ќе бидат подготвени да се постигне договор и да се реши политичката криза“, смета американскиот помошник заменик државен секретар.
Евроатланските вредности остануваат силна водилка за решавањето на актуелната политичка криза, порача пак, премиерот Груевски.
„Разговаравме и за актуелната внатрешнополитичка состојба, евроатланските вредности ни се водилка за решавањето на тековните политички премрежја, чие решение единствено е можно како правен, институционален и политички процес, во согласност со уставниот поредок и воспоставените начелна на демократија и владеењето на правото“, изјави Груевски.
Премиерот додаде дека Македонија има за цел што поскоро да стане дел од НАТО Алијансата и да ги започне пристапните преговори со ЕУ.
„Разговаравме за нашата стратешка определба, за што е можно поскоро зачленување во НАТО и што е можно поскоро отпочнување на преговорите со ЕУ. Во светло на наредниот самит на Алијансата во Варшава, исполнетоста на критериумите за членство и учеството во припадниците на АРМ во повеќе мировни мсиии ни даваат целосно право за да инсистираме за надминување на сите пречки за нешто зачленување. Грчко-македонските разговори за надминување на разликите околу името треба да продолжат, потребен е конструктивен пристап кон ефикасно решавање на наметнатите разлики со добра волја и желба за успех, во согласност со демократските принципи и меѓународното право. Неодамна договорените билатерални мерки за јакнење на довербата се добар чекор“, заклучи Груевски.
Високиот емрикански претсвник денеска оствари средба и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со кого разговараше околу решавањето на политичката криза во земјава.
На средбата станало збор за разрешувањето на кризата преку споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за практична примена на решенијата за критичните области посочени во извештаите на ЕК и Стејт Департментот, како и споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за организирање фер и демократски избори во Македонија, соопштуваат од СДСМ.
„Важно за граѓаните на Република Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права. Во таа насока дејствува Социјалдемократскиот сојуз и инсистира на механизми што тоа ќе го овозможат“, изјавил Заев.
На средбата била изразена согласност дека се неопходни промени за функционалноста на институциите, судството, медиумите, како дел од процесот на промена на партизираниот државен систем, стои во соопштението од СДСМ.
Заев констатираше дека договорот од 2-ри јуни предвидува решенија за критичните прашања и дека се потребни итни решенија во интерес на нормализација на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада што ќе подготви и спроведе избори.
OhridNews
извор Макфакс