„Вистинска дестинација за оние што сакаат да доживеат неограничен број недопрени природни убавини.“ Со ваков слоган, познатата светска туристичка мрежа „Бајк турс“ ја претстави Македонија на веб-страницата на тиражниот американски весник „Њујорк тајмс“.
Во соработка со регионалната туристичка агенција „Балканс ДМЦ“, „Бајк турс“ се обидува да ја популаризира земјава на светската туристичка мапа преку организирање алтернативни велосипедски тури низ земјата. Првата од турите е планирано да се одржи од 25 август и е веќе распродадена, додека следната тура е на 23 септември. Тоа, според основачот и претседател на „Бајк турс“, Џим Џонсон, претставува само уште еден показател дека Македонија е одлична дестинација за развој на еден ваков проект.
„Во Европа постојано се зборува за разни традиции, но тие во голема мера се исчезнати. Но затоа, ако отидете во Македонија, ќе сретнете луѓе кои живеат во истите села со генерации“, вели Џонсон, кој е дел од алтернативниот туризам со децении наназад. Сепак, и покрај огромниот ентузијазам во пресрет на турите, Џонсон е свесен дека еден ваков проект е неизбежно исправен пред многубројни предизвици. „Македонија е земја во развој и како таква останува во голема мера неоткриена за светската јавност. Токму затоа планирам да бидам лично присутен на турите за да им влеам чувство на сигурност на присутните. Едвај чекам да започнеме со возење!“ подвлече Џонсон.
Во својата статија посветена на проектот, Њујорк тајмс го издвојува Охрид како град под заштита на УНЕСКО, кој поради својата повеќевековна традиција ќе има токму централно место во организираните тури. Маршрутата ги вклучува и Маврово, националниот парк „Галичица“, Прилеп и други рурални предели, а завршува во Скопје. Организаторите на турата ги истакнуваат љубезноста и гостопримството на нашиот народ, како и прекрасните вина и вкусната национална кујна, како уште една причина за да се посети овој регион.
Деветдневната тура предвидува околу 30 километри возење на ден, во комбинација со пешачење во должина од пет километри. Вкупната цена изнесува 1.100 евра по човек.
OhridNews
Извор: „Утрински Весник“