Младата и талентирана уметничка Натали Башоска, која има холандско и македонско потекло, а пораснала во Пештани, синоќа, во познатото кафуле „Објектиф“ во Охрид, ја имаше својата прва самостојна изложба на фотографии инспирани од нејзиниот престој во Њујорк, САД, каде студира филмска режија.

-Оваа изложба има 24 фотографии во црно бела техника, направени во подземното метро во Њујорк. Преку нив сакам да ја покажам разликата помеѓу луѓето. Сите луѓе се различни, од различна раса, класа и тоа ме фасцинира додека сум во метро и патувам и затоа ја направив оваа изложба за да го искажам тоа на еден уметнички начин. Јас сакам да патувам со метро, што инаку се смета за многу опасно, но таму запознавам и гледам многу различни луѓе.-вели Башоска.

Натали прв пат ги изложува своите фотографии јавно, а планира изложбата да ја презентира и на други места.

-Истава изложба планирам да ја реализирам во Скопје наредната недела, а фотографиите може да останат во Охрид или Скопје да се промовираат понатаму.-додаде Башоска.

Натали летото ќе го помине во Охрид каде ќе се посвети на промоција на туризмот, кој инаку е семеен бизнис на семејството Башоски, по што се враќа на студиите по филмска режија во Њујорк.

Г.М.