Охрид и Македонија беа во центарот на вниманието на културната јавност на Њујорк, а присутните љубители на музичката уметност во концертната сала „Мелоди амонг“ на ЛИНКОЛН Центарот кои присуствуваа на концертот на УНЕСКО, ги доживеаја настапите на македонскиот тенор Борис Трајанов и музичкиот виртуоз Драган Даутоски, како вистински незаборавен настан.
Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, на овој гала концерт на кој учествуваа уметници од неколку земји и САД, беше удостоен и со присуството на делегацијата предводена од градоначалникот Александар Петрески. Упатеното до нив „добредојдовте“ од страна на организаторот на концертот, беше проследено со долготраен аплауз со што на симболичен начин публиката ги искажа своите отворени симпатии кон Охрид и Македонија.
аплаузи за Охрид и Македонија во Њујорк
Овој значаен културен настан во понеделникот вечерта по њујоршко време може да се оцени како бисер во чествувањето на Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид и своевидна афирмација на културните вредности на градот и државата. Во таа смисла од несомнено голем придонес ќе биде и изложбата на уметнички фотографии под наслов „Охрид, охридско-преспанскиот регион – трезор на Европа“ од Зоран Велјаноски Летра. Изложбата ќе биде отворена вечерва во КУПЕР Центарот за наука и уметност на Менхетн.
Изложбата која содржи 32 фотографии (50×70 см) со мотиви од Охрид, Езерото и Галичица, претставува приказ на културно-уметничкото наследство од античко време до денес и природните убавини на ова поднебје кое таму е веќе наречено како „бисер на Европа“. Овој централен настан во годинешното одбележување на Денот на Патронот на Охрид, Свети Климент, во Њујорк – по кој повод охридската делегација и престојува во Америка – ќе биде проследен со беседењето на Амбасадорот Јордан ПЛЕВНЕШ за Свети Климентовото дело и Македонија.
Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на Охрид Александар Петрески кој утре поаѓа за Охрид со цел, како домаќин, да присуствува на свечената Академија во чест на Свети Климент.
Одделение за информирање на Општина Охрид