Заменик-министерот за правда Агим Нухиу потврди дека утре ќе има средба со неговиот косовски колега Блерим Салаху, но дека не е предвидена средба со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“.
Во изјава за МИА, Нухиу попладнево рече дека ќе се сретне со Салаху и оти е предвидена средба со раководството на затворот „Идризово, но не и со затворените лица.
Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Салаху рече дека, по воспоставената комуникација со Министерството за правда на Северна Македонија, добил дозвола за во четврток да ги посети затворениците осудени за споменатиот случај.
Во случајот „Диво Насеље“ обвинети се вкупно 33 лица кои добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина се осудени на доживотна затворска казна. Основниот кривичен суд Скопје на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина по 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети по 14 години, на двајца по 13 години, и на по 12 години уште двајца од обвинетите.