НУЦК Григор Прличев продолжува со кино проекциите. Вечерва со почеток од 19.00 часот ќе биде повторно прикажана шведската комедија „Брит Мари беше тука“. Филмот во времетраење од 97 минути е базиран на  бестселерот на Фредрик Бакман и е под режисерската палка на Тува Новотни.

Како следен филм на кино репертоарот НУЦК „Григор Прличев“ го најавува филмот „Брат ми брка диносауруси“. Италијанската комедија ќе биде прикажана во среда (24.11.2021) и во четврток (25.11.2021).

Приказната во 101 минута раскажува за Џакомо кој отсекогаш сакал да има мал брат за да си игра, а од кога ќе се роди, неговите родители му велат дека неговиот брат е „специјално“ дете. Тогаш, помалиот брат Џовани, се претвора во суперхерој со неверојатни моќи во фантазијата на неговиот голем брат, како оние во неговите стрипови. Со текот на времето, Џакомо ја дознава вистината: неговиот брат има Даунов синдром, состојба која одлучува да ја чува во тајност. Кога оди во средно училиште и се вљубува во Аријана, тој го крие постоењето на Џио од неа и неговите нови пријатели. Но, како можеш да очекуваш некој да те сака ако сокриеш толку важен дел од себе? За кратко време, вистината излегува на виделина и Џакомо сфаќа дека енергијата и виталноста на Џио се заразни. Оригиналниот изглед на Џио навистина го менува светот, исто како суперхерој.

Како режисер на филмот се потпишува Стефано Ципани, а е наменет за гледачи над 12 години.
Картите се пуштени во продажба и се по цена од 100 денари на билетарата при НУЦК „Григор Прличев“ Охрид. Проекцијата ќе се одвива согласно здравствените протоколи со ограничен број на публика. За влез во Центарот за култура потребно е да се поседува и приложи сертификат за извршена имунизација од вирусот Ковид-19 со две дози вакцина, или сертификат  за прележан корона вирус во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Сертификатите не се однесуваат за лица под 18 годишна возраст.

 

 

OhridNews