Потпишан Меморандум за соработка помеѓу НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Словачкиот Музеј од Ухерске Храдиште.
НУ Заводот за заштита на спомениците на културата и Mузеј – Охрид, ја препозна важноста на меѓународната соработка во заштита и презентација на културното наследство, како и одговорноста за зачувување и промоција на културните вредности и верува дека меѓусебната соработка со Словачкиот Музеј во Ухерске Храдиште, ќе придонесе за развој на професионалните активности и размена на искуства и знаења помеѓу двете институции, посочуваат.
Додаваат дека во рамките на овој Меморандум, двете страни изразуваат поддршка за подготовка и поднесување заеднички иницијативи.
Целта на овој Меморандум е да се воспостави рамка за соработка помеѓу Словачкиот Музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата и Mузеј – Охрид во областа на заштитата на културното наследство, образованието и професионалните размени. Двете страни се обврзуваат да соработуваат при организирање проекти, изложби, едукативни активности и други иницијативи кои придонесуваат за зачувување и промоција на културното наследство, истакнуваат од НУ Завод и Музеј Охрид.
Заедничко учество во програмата Еразмус+, велат, вклучува мобилност на кадрите кои се фокусирани на стекнување нови вештини и размена на најдобри практики на полето на музеологијата на професионалните работни места со т.н. „job-shadowing“.
Двете институции ќе поддржат програми за размена на стручен кадар, вклучително и практиканти фокусирани на стекнување експертиза во заштитата на културното наследство, музејската работа и менаџментот во заштитата на културното наследство. Исто така и двете институции ќе соработуваат во развојот на образовни програми насочени кон зачувување на културното наследство, особено за младите професионалци и пошироката јавност. Заеднички ќе бидат организирани изложби и други културни настани кои го промовираат културното наследство на двете земји, додаваат.
НУ Завод и Музеј Охрид деновиве бевме домаќини на колеги од Словачкиот Музеј во Ухерске Храдиште, кои покрај професионалната соработка, се запознаа со богатото културно наследство на Охрид и регионот.
OhridNews