Не 300, туку 13 членови на Новата социјалдемократска партија – НСДП  од Охрид преминaa во редовите на ВМРО ДПМНЕ, соопшти денеска партијата на Тито Петковски. Оттаму ги демантират вчера изнесените најави на поранешниот нивни сопартиец, пратеничката Мирјана Секуловска, дека има масовен одлив на членството во Охрид. Според НСДП во ВМРО ДПМНЕ преминале само 13 члена кои се во роднински врски со највисоки функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Деновиве Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, успеа на македонската јавност да и изрежира само една лоша “театарска” претстава. „Купувањето“ пратеници од мнозинството во Собранието, кое ја подржува Владата, е силен индикатор за загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ за стабилноста на Владата. Егзалтацијата и аплаузот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по најавата на Мирјана Секуловска дека поминува во нивните редови, исто така е потврда на тоа дека нешто покрупно се случува“, се вели во соопштението од НСДП.

Во меѓувреме од пратеничката Мирјана Секуловска е побарано да го врати пратеничкиот мандат што го доби од гласачите во 5-та изборна единица. Секуловска во изјава за медиумите денеска рече дека нема намера да го стори тоа бидејќи таа, како што рече,  ги анимирала гласачите во 5-та изборна единица да го дадат гласот за НСДП.

Во партијата на Петковски сметаат дека доколку продолжи “купувањето“ пратеници, НСДП треба да го преиспита своето учество во Владата. На ова реагираше владиниот портпарол, Ивица Боцески. Тој во изјава за медиумите рече дека  Владата ниту се мешала, ниту пак ќе се меша во работењето на која било владејачка или опозициска партија.

ohridnews