Заради не добро дефинираниот начин на избор на членови на Управниот одбор-УО, ЈУ Национален парк „Галичица“ не може да го оформи УО во вториот состав поради што одредени активности за кои надлежност има УО не можат да се реализираат.
Директорот на ЈУ НП „Галичица“, Андон Бојаџи изразува надеж дека со измените на Законот за заштита на природата кој вчера се најде пред Собранието овие недостатоци ќе се надминат и ќе се овозможи конституирање на УО што ќе придонесе за соодветно управување и ќе обезбеди одржлив развој на паркот. Со законот се предвидува дооформување на органите за управување, подобрување на управувањето со животната средина односно на природните вредности кои паркот ги поседува, објаснува Бојаџи.
За ова, меѓу другото станало збор на средбата со заменик министерот за животна средина Соња Лепиткова, која вчера го посети НП „Галичица“.
Со измените во Законот за природа појасно се дефинираат одредбите во законот за националните паркови, нивните надлежности, управните одбори раководните структури, вели заменик министерот за животна средина, Лепиткова.
„Законот предвидува поголема заштита и прошување на листата на заштитените видови флора и фауна, како и одредени измени во управувањето на националните паркови каде ќе влезе и еден претствник на Министерството за животна средина“, ни изјави Лепиткова.
Таа рече дека целта е да се подобрат менаџмент плановите за да можат да се создадат капацитети за развој на поинтензивен туризам во националните паркови, што одамна е пракса во Европа.
Националните паркови се од голем интерес за Р. Макееонија и државата во наредниот период ќе настојува под заштита да стави уште територии, најави Лепиткова, при посетата на НП „Галичица“.
Г. Момироски