До: Г-дин Симоноски Р. Жител на село Пештани Охрид
Предмет: Одговор на писмото објавено на 15.03.2011 година на OhridNews

Почитуван господин Симоноски Р.

Во текот на вчерашниот ден објавивте писмо на електронскиот медиум OhridNews кое со големо внимание беше разгледано од Управата на паркот и бидејки за нас од непознати причини во јавноста изнесовте целосни невистини за работењето на Јавната Установа чувствуваме за потреба да одговориме на Вашите лажни обвинувања и да ви појасниме некои работи.

Дозволете најпрво да Ве информираме дека согласно законот за заштита на природата од (Сл. весник на Р.М. бр. 67 од 2004) година главна дејност на Националните паркови во Република Македонија е заштита на природата, развој на одржлив туризам и научно-истражувачки и образовни активности. Покрај ова, како што и самите споменувате, точно е дека Јавната Установа Национален парк Галичица е одговорна и за маркирање во приватна шума, доколку истата се наоѓа во зоната за одржливо искористување.

Почитуван г-дин Симоноски Р., дозволете да Ви објасниме дека, согласно Законот за шумите (Сл. весник на Р.М. бр. 64 од 2009), доколку сакате да извршите сеча во приватен имот (шума или нива) должни сте до Јавната Установа Национален парк Галичица да ја поднесете следната документација:
1.    Доказ за сопственост
2.    Барање за извршување на маркирањето
3.    Уплата за извршување на услуга

Ви напоменуваме дека ако се работи за приватна шума пред сето ова да го направите  треба вашата  парцела да има јасно видливи граници ( да извршите катастарски премер ).
 
За апсурдот да биде поголем, во нашата установа до денес не постои лице Симоноски Р. од Пештани или друго место во Паркот кое ја поднело бараната документација утврдена со закон. Според тоа, Ве молиме, доколку поседувате приватен имот (шума или нива) во Национален парк Галичица да ја поднесете горе наведената документација како нашите служби, врз основа на истата, би можеле да излезат на терен и да го извршат маркирањето, се разбира доколку постои можност за тоа.

Што се однесува до вториот дел од Вашето писмо во кој повторно изнесувате целосни невистини во јавноста, дозволете да Ве потсетиме на само дел од активностите и резултатите кои не сте ги виделе или очигледно, не сакате да ги видите. Во текот на последниве 3 години, нашата установа реализира голем број активности кои директно или индиректно се значајни за локалното население. На планот на подобрување со управувањето со природата во паркот, беа изготвени 11 студии од врвни истражувачи во Македонија и на Балканот со кои се потврдија високите природни вредности на подрачјето. Врз основа на ваквите научно-засновани сознанија, нашата установа изготви, за прв пат, сеопфатен план за управување според најсовремените меѓународни стандарди. Од активностите кои се полесно видливи на терен, дозволете да Ве потсетиме дека во наведениот период се изградија два информативни центри, еден во месноста Студенчишта, кај Охрид и вториот во селото Стење, на преспанската страна. Овие објкети се од клучно значење за поддршка на посетителите на паркот и зголемување на туристичката понуда на подрачјето. Покрај тоа, беа уредени неколку излетнички локалитети, како на пр. Корита, Јадера, Св. Спас, видиковецот Коритски Рид и се поставија голем број на информативни табли. Во завршна фаза е и поставувањето на информативни табли и патокази на обележани пешачки, велосипедски, едукативни и алпинистички патеки со вкупна должина од 350 км. За развој на туризмот е важно и тоа што планинската куќа во месноста Асан Ѓура (Шарбојца) беше целосно опремена за сместување на туристи. За поддршка на локалните сточари се реконструираа голем број на локви, поила и чешми кои со децении беа целосно запоставени. Нашата установа учествуваше во организација на значајни спортски настани како што се Светски куп во прецизно слетување со параглајдер, Државно првенство во планински велосипедизам (крос-кантри). Конечно, нашата установа организираше чистење на дивите депонии во паркот при што се изнесоа над 500 камиони комунален смет и шут и истите се одложија на легалните депонии.

Заради ограниченоста на просторот, горе наведените примери се само еден многу мал дел од сето она што се сработи во изминатиот период. Секако ние сме свесни дека има уште многу работи кои што треба да се направат, но ние никогаш не сме излегле пред медиумите или како што викате Вие пред радијата и телевизиите со нешто што го имаме како идеја, туку напротив тоа секогаш го правиме само со целосно реализирани проекти. Според тоа, сметаме дека сте необјективни и тендециозни во вашите изјави и намерно го игнорирате она што сите го гледаат.

Дополнително, би сакале да потенцираме дека најголем дел од горе наведените активности се насочени кон поддршка на локалното население во Паркот со што најконкретно ја покажуваме и докажуваме нашата грижа за неговата благосостојба, се разбира во рамките на нашите надлежности.

На крај, дозволете уште еднаш да ја искажеме нашата подготвеност да ви помогнеме да ги решите сите проблеми во рамките на нашите надлежности утврдени со закон.

Со почит,

Охрид, 16-ти март 2011
Јавна установа Национален парк Галичица
Директор

Зоран Ангелоски

*Ставовите изнесени во рубриката
„Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси
одоговорност за содржината на истите.